На 8 и 9 декември 2025 година во Белград, Србија, се одржа 7-миот Фабрички конгрес и Gemba прошетка – врвен регионален настан посветен на индустриските процеси, оперативната извонредност и Lean производството, организиран од Management Center Белград. Претставници на П.И. „Витаминка“ – Прилеп беа: Маријан Танески (Шеф на производство, фабрика 1), Оливер Котески (Управник на одржување) и Олга Ристеска (QA Coordinator).
Учесниците се запознаа со најактуелните индустриски практики на Балканот, со силен акцент на оптимизација на процесите, унапредување на безбедноста и имплементација на Lean методологиите. Говорниците – фабрички менаџери, оперативни лидери и извршни директори – преку реални примери ја истакнаа трансформацијата што ја носат превентивното одржување, човек-робот колаборацијата (Cobots) и дигитализацијата на производството. Особено беше подвлечено дека Lean не постои без ангажирани, мотивирани и добро обучени луѓе; затоа континуираната обука, развојот на кадрите и препознавањето на талентите остануваат суштински предуслов за секоја модерна фабрика.
Особен интерес предизвика Gemba Walk програмата, каде учесниците ги следеа процесите во живо, со можност да идентификуваат области за подобрување, елиминирање отпад и зголемување на ефикасноста. Претставниците од „Витаминка“ ја посетија фабриката Tetra Pak во Горни Милановац, Србија – пример за дисциплина, високи стандарди, силна култура на безбедност и јасна визуелна организација.