Нова производна линија за чоколадирани производи и нов магацин е најновата инвестиција на „Витаминка“, која е финансирана преку кредитната линија од два милиона евра обезбедени од Европска банка за обнова и за развој (ЕБОР).
„Витаминка“ е специјализиран производител за кондиторски чоколадни и снекс производи. Четириесет и пет проценти од производството е наменето за извоз, претежно во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Косово, Австралија, САД и во други земји.
-„Витаминка“ не се потпира само на досега остварените резултати, таа продолжува да се проширува, да инвестира во нови производни линии и да пронаоѓа нови пазари за извоз. Ни претставува задоволство за овој успех и горди сме што сме дел од оваа успешна приказна. Помошта за поттикнување на конкурентноста на ваквите компании е главната цел на деловниот модел на ЕБОР. Одобрувањето на нов кредит на оваа успешна компанија е речиси еднаков предизвик како и вкусувањето на нивните деликатесни чоколади – изјави Миљан Здрале, шеф на Одделот за агробизнис за Централна и Југоисточна Европа во ЕБОР.
Според Анка Јоана Јоанеску, претставник на канцеларијата на ЕБОР за Македонија, потпишувањето на новиот заем е потврда на поддршката која ЕБОР ја дава на македонскиот реален сектор и довербата која Банката ја има во потенцијалот на македонските компании.
-За „Витаминка“ оваа инвестиција значи чекор напред во остварувањето на своите цели. Дел од растот на една фирма е постојаното инвестирање во нови машини. Тоа несомнено значи и постојано подобрување на квалитот на производите. Во свет на иновации, каде што нештата постојано се менуваат, од есенцијално значење е да бидете во чекор со тие промени – рече генералниот менаџер на „Витаминка“, Сашо Наумоски, и додаде дека на овој начин ќе го зголемат капацитетот на производството, а со тоа и ќе имаат поголеми можности за пласман на своите производи во странство.
Досега ЕБОР има обезбедено кредити во износ од 9,5 милиони евра, со кои „Витаминка“ ја финансираше својата инвестициска програма, која вклучува набавка на нови енергетско ефикасни производствени линии, опрема за пакување и модернизација на производните капацитети. ЕБОР, исто така, ја разгледува можноста за одобрување дополнителни четири милиони евра кредит, кои ќе послужат за финансирање на производните линии за чоколади и меки кекси. Од започнувањето на активностите на ЕБОР во Македонија во 1993 година, Банката има инвестирано 1,65 милијарди евра во повеќе од 100 проекти во земјата.