Од 12 до 14 мај 2025 година во Опатија, Хрватска, се одржа 18. Конференција за безбедност и квалитет на храна, во организација на Хрватската стопанска комора. Настанот ги привлече водечките експерти од прехранбената индустрија, академската заедница и надлежните институции од целиот регион, со цел размена на најнови знаења, искуства и добри практики во областа на безбедноста, следливоста и одржливоста на храната.
Претставници на Витаминка беа Олга Ристеска, координатор за обезбедување на квалитет, Ангела Талеска, технолог во секторот за развој и Гордана Лазаревска, шеф на хемиска лабораторија. Тие активно го следеа богатиот програмски дел на конференцијата кој опфати предавања, панели и стручни работилници на теми како што се новите регулативи на Европската Унија, управување со ризици во прехранбеното производство, иновации во безбедноста на храна, дигитализација на процесите и влијанието на климатските промени врз квалитетот на храната.
Присуството на Витаминка на овој значаен регионален настан ја потврдува заложбата на компанијата за континуирана едукација, усогласување со европските стандарди и следење на современите трендови и технологии во прехранбената индустрија. За тимот на Витаминка, конференцијата претставуваше вредна можност за размена на искуства со колеги од регионот, како и за воспоставување нови соработки со експерти и институции кои работат во областа на безбедноста и контролата на храна.
Со учество на вакви стручни настани, Витаминка го потврдува својот стратешки фокус на квалитетот и безбедноста на производите, како и на развојот на одржливи практики кои се во чекор со современите предизвици и барања на пазарот.