„Уметноста на Јавното Говорење“ – M6 Едукативен Центар
Во периодот од 26 до 28 ноември, две претставнички на Витаминка, Симона Симоновска и Олга Ристеска, земаа активно учество на тридневната обука „Уметноста на Јавното Говорење“ во организација на М6 Едукативен Центар. Обуката беше дизајнирана да понуди практични знаења и алати за поефективна деловна комуникација, ефективни презентации и професионален медиумски настап. Тренингот го водеа реномирани обучувачи: Ирена Јакимова, коуч и експерт за лидерство и комуникациски развој, Катерина Коцевска, актерка со долгогодишно сценско искуство, и Снежана Лупевска, главен уредник и респектиран медиумски професионалец.
Во рамки на програмата, учесничките поминаа низ три клучни модули:
• Развој на самодоверба и комуникациски став, препознавање на внатрешни бариери и градење јасна, стабилна јавна изразност.
• Презентациски и сценски техники, со фокус на говор на телото, управување со емоции, однос со публиката и современи пристапи за ефективен настап.
• Медиумска комуникација и настап пред камера, вклучително справување со тешки прашања, поставување пораки и основи на кризна комуникација.
Обуката беше реализирана преку бројни практични вежби, кои овозможија непосредна примена на научените техники и развивање на сигурен, професионален јавен настап.
Со стекнатото искуство, нашите колешки дополнително ќе придонесат за унапредување на корпоративната комуникација и презентацискиот квалитет во Витаминка.