Размена на знаења и искуства за новите предизвици во прехранбената индустрија
Од 11 до 14 ноември, во Цриквеница, Хрватска, се одржува 6. меѓународен конгрес „Храна и здравје“, на кој се среќаваат научници, стручњаци и претставници од прехранбената индустрија за да ги разгледаат актуелните прашања и предизвици поврзани со производството, безбедноста и квалитетот на храната.
На конгресот учествуваат и претставници на Витаминка и Брилијант – Олга Ристеска, Ангела Караѓулеска и Жаклина Георгиева. Преку предавањата, дискусиите и практичните работилници, тие имаат можност да се запознаат со најновите научни истражувања, технолошки решенија и трендови што го обликуваат развојот на прехранбениот сектор.
Голем дел од програмата е посветен на безбедноста и квалитетот на храната, нутритивните и здравствените аспекти, како и иновациите во прехранбената индустрија. Меѓу темите што беа во фокусот се новите ризици во синџирот на исхрана, вклучително и присуството на микотоксини и афлатоксини, остатоци од пестициди, PFAS и нанопластика. Се дискутираше и за обесогените и нивното можно влијание врз метаболичкото здравје, како и за развојот и безбедносната процена на новата храна (Novel Food). Посебно внимание беше посветено на поврзаноста меѓу исхраната, човековото здравје и животната средина.
За учесниците, конгресот е можност да ги следат новите научни сознанија и да разменат искуства со колеги од различни области како и да разговараат за нивната примена во практиката.
Во рамките на настанот беше остварена и работна средба со Валериј Пажин, раководител за усогласеност и процеси во Лидл Хрватска, на која се разговараше за прашања од заеднички интерес и беа разменети стручни искуства. На конгресот присуствуваше и Оливер Ивановски, директор на Фитосанитарната лабораторија при Министерството за земјоделство на Република Северна Македонија, со што беше отворена можност за дополнителна размена на мислења меѓу претставниците на индустријата и стручните институции.
Покрај стручните предавања, програмата вклучуваше и практични работилници. Меѓу нив беше и работилницата за сензорска анализа на автохтони вина, на која учесниците имаа можност одблиску да се запознаат со методите за сензорско оценување и нивната улога во процената на квалитетот на производите.
Со учеството на вакви меѓународни стручни собири, Витаминка и Брилијант продолжуваат активно да ги следат новите научни и технолошки достигнувања во индустријата, да разменуваат искуства со стручната јавност и да ги применуваат стекнатите знаења во насока на унапредување на квалитетот и безбедноста на своите производи.