Витаминка учествуваше на меѓународниот саем за прехранбена индустрија Global Food Expo во Варшава, Полска, каде што претстави дел од своето портфолио на слатки и солени производи. Со овој настап, компанијата ја продолжува својата посветеност на меѓународната промоција на македонските производи и на развојот на извозните можности.
Во рамките на саемското претставување беа изложени производи од препознатливите брендови Стоби Флипс, Атлантис, Фрути, Фит Ин, Бонитас и Риско, како и други производи од асортиманот на Витаминка. Разновидноста на понудата го долови „Светот на вкусови“ на компанијата, обединувајќи ги добро познатите производи со поновите вкусови и производни линии.
Учеството на Global Food Expo беше можност за непосредно претставување на портфолиото пред меѓународна деловна публика и за разгледување на потенцијалите за нови соработки. Ваквите саемски настапи имаат значајна улога и во следењето на пазарните трендови и потребите на потрошувачите, како основа за натамошен развој на понудата.
Меѓународната промоција е дел од долгорочната определба на Витаминка за раст и зајакнување на присуството на странските пазари. Преку континуирано вложување во квалитетот, развојот на производите и деловните партнерства, компанијата гради нови можности македонските вкусови да стигнат до поширок круг потрошувачи.