Владата на Република Северна Македонија ѝ додели на Витаминка признание за општествена одговорност и промоција на семејните вредности, за воведување на скратеното работно време за родителите кои се враќаат од породилно отсуство.
Признанието го прими Претседателот на одборот на директори, Симон Наумоски кој истакна дека ова, пред сè е заслуга на Генералниот извршен директор и младиот менаџерски тим во компанијата.
„Витаминка е предводник во создавање подобри услови за сопствените вработени. Со последните одлуки и иницијативи, покрај скратеното работно време во период од три месеци за родителите кои се враќаат од породилно отсуство, Витаминка уште воведе и надоместок за трето дете, што претставува уште една мерка со која се подобрува статусот на вработените и се поттикнуваат семејните вредности и успешното родителство“, истакна Наумоски.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на доделувањето истакна дека за квалитетен пазар на труд, но и за успешно родителство многу е важно да се прави баланс помеѓу професионалните и приватните обврски. Таа порача оваа иницијатива да биде инспирација и пример за сите останати компании.
Второто признание доаѓа од активот на Здружението на новинарите од источниот регион. Како дел од традиционалната манифестација „Најдоброто од Истокот“ на Витаминка ѝ беше доделено признанието за најдобра домашна инвестиција.
Изборот на Витаминка се должи на преземањето на фабриката за масло Брилијант во Штип, брзото рестартирање со што на работа беа вратени 70 работници. Покрај социјалната димензија и обезбедување егзистенција за 70 штипски семејства, новинарите во својата опсервација на Витаминка, го зеле предвид и влијанието и ефектите што оваа компанија засилена со фабриката Брилијант во Штип ги има врз македонската економија и врз креирањето на БДП.