Посетата на компании кои што ја креираат локалната економија од страна Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски започна токму од Витаминка, како компанија која што е лидер во секторот на домашниот но и на регионалниот пазар.
Целта на посетата беше запознавање со потребите на компаниите и да помогнат каде што е возможно. Според претставниците на локалната власт, посетата започна од Витаминка затоа што е компанија којашто перманентно инвестира во проширување и осовременување на своите капацитети и која што претставува врвен бренд во својата дејност. Градоначалникот Јованоски во придружба на претседателот на Советот, Миле Талевски се запознаа со производните капацитети и остварија средба со раководството на Витаминка.
„Не случајно ја одбравме за старт Витаминка, бидејќи претставува лидер во својата дејност во регионот и пошироко. Навистина сум воодушевен од начинот на нивното инвестирање и развојот на оваа компанија. Овде секој производ е бренд. Посебно морам да го издвојам брендот Стоби флипс, бидејќи го користат сите генерации. Од друга страна особено е значајно местото на Витаминка во општинава, зашто таа е општествено одговорна компанија, што ги поддржува сите културни манифестации и спортски клубови и сите го чувствуваме бенифитот што го дава оваа компанија за заедницата. Општина Прилеп ќе ја даде максимално својата поддршка на компанијата“, акцентираше градоначалникот Јованоски.
Градоначалникот и претседателот на советот беа запознаени со моменталните инвестициските процеси на компанијата, а менаџерскиот тим на Витаминка ја истакна и подготвеноста на компанијата за сестрана соработка со Општина Прилеп.
„Најпрвин сакам на градоначалникот Јованоски и на претседателот на Совет, Талески да им се заблагодарам за денешната посета, да им ветам добра соработка и поддршка на сите манифестации во градот, како што беше и досега. Во фаза се две инвестиции во Витаминка. Првата е инвестиција во фабрика број еден, каде што градиме нов фабрички ресторан за нашите вработени и ги прошируваме канцелариските простории, за да ги подобриме условите за маркетинг. И втората инвестиција е во фабрика број два, со нов магацин за готови производи на површина од 3.000 метри квадратни, современо складиште со три различни зони. Освен тоа планираме и изградба на фотоволтаици за производство на струја за објектот“, рече Сашо Наумоски, Генерален извршен директор на Витаминка.
Посетата беше проследена и од медиумите коишто исто така забележаа дека деловната политика на менаџерскиот тим на Витаминка го донесе досегашниот успех и ја истакна како стабилен стопански субјект и компанија со високо ниво на општествена одговорност.