Витаминка го изложува целокупниот свој производствен асортиман на најголемата специјализирана саемска манифестација за прехранбена индустрија Worldfood Москва 2018. На четиридневниот саем, Витаминка го промовира и новиот, модерен корпоративен штанд.
Ова е трето присуство на компанијата на московскиот саем. Извозот на производите на Витаминка се одвива континуирано веќе 5 години, со што руските потрошувачи се веќе добро запознаени со нивниот квалитет.
„За Витаминка, иако овде изложува по трет пат, можностите што ги отвора овој саем се големи, затоа што како специјализирана манифестација секое издание носи нови посетителите. Тука се присутни најголемите извозници на храна во Руската федерација и токму заради специфичната публика, саемот изобилува со низа трибини, промоции и презентации. Исто така, важи за најголема берза за храна во овој дел на светот. Предностите од присуството се протегаат од контакти и можни договори и партнерства, па се до стекнување нови знаење и запознавање со последните трендови во прехранбената и кондиторската индустрија“, изјави директорот на Продажниот сектор-Извоз, Љупчо Велески.
Саемот Worldfood привлекува огромна публика и е посетуван пред сè од страна на професионалци и претставници од трговијата на големо и мало. Присутни се дистрибутери, производители, сопственици на ланци ресторани и супермаркети, и е одлична можност за промовирање нови производи. Бројките од минатогодишните изданија говорат за растечката популарност. Во 2017 година имало 1 516 изложувачи од 62 земји и 29 900 посетители.