Претставници на Витаминка, Олга Ристеска, координатор за обезбедување квалитет, и Орде Ѓорѓиоски, директор на правни и општи работи, учествуваа на водечкиот светски саем и конгрес A+A 2025, кој се одржа во Диселдорф. Настанот, под мотото „People matter“, е најголемата глобална платформа посветена на безбедноста, здравјето и благосостојбата на работното место, каде се презентираат најновите иновации и решенија што го поставуваат правецот на идниот индустриски развој.
Годинашното издание ја нагласи важноста на човекот како клучен фактор во процесот на модернизација на индустријата, претставувајќи најсовремени технологии за заштита и подобрување на работните услови. Меѓу главните теми беа егзоскелетите, вештачката интелигенција и вакуум лифтинг системите, технолошки решенија кои веќе ја трансформираат фабричката работа, овозможувајќи поголема ефикасност и сигурност.
Посебно внимание беше посветено и на темата за психичко здравје и благосостојба на вработените. Во фокусот беа концепти кои поттикнуваат создавање позитивна и поддржувачка работна атмосфера преку зони за одмор и релаксација, програми за психичка рамнотежа и активности за зајакнување на тимскиот дух.
Сите овие иницијативи ја нагласуваат потребата да се третира благосостојбата на вработените како составен дел од безбедноста при работа.
За Витаминка, следењето на трендовите и иновациите претставени на A+A 2025 има стратешко значење. Компанијата континуирано вложува во создавање безбедна, здрава и мотивирачка работна средина, каде вработените се во центарот на корпоративната култура. Интеграцијата на вакви иницијативи е во согласност со заложбата на Витаминка за постојано унапредување на работната ергономија и зголемување на задоволството и продуктивноста на тимот. Со тоа, компанијата потврдува дека чекори во склад со современите глобални стандарди и ја гради својата иднина на темелите на иновацијата, одговорноста и грижата за своите вработени.