Витаминка е првата компанија во прилепскиот регион каде вработените самите избираат каков оброк сакаат во фабричките мензи. Преку софтверско решение кое што функционира по принципот на веб апликација инсталирана на мобилните телефони, на компјутерите но и директно во самите мензи, вработените можат да ги изберат оброците за наредната недела од понудените на тековното мени. Софтверот за избор на оброк е достапен за вработените во Фабрика 1 и Фабрика 2.
Со овозможување на изборот на оброците, Витаминка го подига нивото на задоволство на своите вработени и овозможува избор соодветно нивните потреби за специфична исхрана. Исто така, овој принцип на работа е во насока на рационално однесување со храната преку планирање на оброците и минимизирање на губитоците и фрлањето на вишокот храна.
Сите оброци се исклучително добро балансирани, обезбедувајќи главен оброк (најчесто со месо), посен или вегетаријански оброк и сув оброк, задоволувајќи ги преференциите на сите вработени, водејќи сметка и за нивните навики, но и здравствени барања. Нутритивните табели се изложени во информации за јадењата и на информативните монитори во мензите.
Витаминка отсекогаш била компанија каде вработените, нивните потреби и благосостојба се главните приоритети.
Работењето на фабричката кујна и менза и обезбедување на топол оброк за вработените во секој период од денот, во зависност од сменското работење, во Витаминка се применува 60 години, мензата била сместена во старата зграда, каде се делел оброкот за вработените.