ПРОЕКТ – ФАБРИКА НА ЗНАЕЊЕ

Витаминка годинава беше партнер на Универзитетот ФОН во проектот Фабрика на знаeње во кој се спојуваат студентите и бизнис заедницата на едно место, во насока на реализација на поставените задачи. Проектот Фабрика на знаење на ФОН се организира од 2010 година и негова цел е да се создадат реални и квалитетни производи од страна на студентите, како зададена задача од партнерските компании кои учествуваат во проектот.

Поставената задача од страна на Витаминка за двата тима, составени од студенти од различни факултети и различни студентски години на Универзитетот, беше насловена „Зголемување на пазарното учество на производот “Sarita” на територијата на Скопје и околината преку откривање на причините за малата по обем реализација и подобрување на неговиот имиџ“.

Тимот А направи квалитетно истражување на примерок од 551 испитаници, при што беше поставен сет од едноставни прашања за препознавање на името на кексот Сарита на Витаминка, како и на тоа во кој дел од денот би консумирале ваков тип производ. Резултатите од истражувањето покажале дека 27% од испитаниците знаат дека Витаминка произведува кекс Сарита, а 35 отсто од нив би го консумирале за појадок. Предлозите на тимот А во суштина беа насочени кон промена на дизајнот на пакувањето за овој производ и избор на нови ароми со што би се збогатила понудата.

Покрај тоа, препорака на тимот А е да се преземат маркетинг активности од сферата на Герила Маркетинг, брендирање на разни локации, едукација на потрошувачите со содржината на името и вредноста на Сарита, како и да се работи на пласман на позиции во маркетите со помали пакувања достапни за поширока група на потрошувачи.

Оценка на комисијата која ја претставуваше Витаминка беше дека овој тим направил добра анализа на пазарните услови и предложи креативен и квалитетен предлог.

Тимот Б се осврна на компанијата и се одлучи за истражување на примерок од 150 испитаници од Скопје со комплексен и содржаен сет прашања, меѓу кои и за импресиите на консументите врзани за  квалитетот, вкусот, цената, фреквентноста на консумирање, пакувањата на самиот производ.

Тимот Б исто така, даде содржајни и издржани предлози кои би довеле до подобра и поголема диференцијација на кексот Сарита, како и активности за поголема промоција на производот.

Општ заклучок од страна на комисијата која ја претставуваше Витаминка беше дека тимот Б направил одлично конципирана анализа на пазарните услови, при што се добиени комплексни и корисни резултати. Општиот впечаток на претставниците од Витаминка беше дека на тимот Б да му се додели награда за „Школски пример на анализа на пазар и препораки за имплементација на маркетинг микс“.

Витаминка и понатаму ќе продолжи да ги поддржува ваквите активности помеѓу академската заедница и стопанството, препознавајќи го потенцијалот кој го поседуваат овие идни професионалци во нивните области и помагајќи им во совладувањето на материјата и осознавањето на фактичкото функционирање на приватниот сектор.

ГАЛЕРИЈА ОД Проект - ФАБРИКА НА ЗНАЕЊЕ