Ја продолжуваме инвестицијата во фотоволтаични системи

Сончевата енергија претставува најобилен и неисцрпен извор на енергија, а најважно од сè – не ја загадува околината. Токму поради тоа, нашата компанија ги искористи ваквите предности и инсталираше фотоволтаични системи – уред за конверзија на сончевата енергија во електрична. Првата фотоволтаична централа за производство на електрична енергија беше поставена во Фабрика 2 при П.И. „Витаминка“ А.Д. – Прилеп, а сега продолжуваме со фотоволтаици на покривите на Фабрика 1.

На досега инсталираните 184 kW, додадовме плус 206 kW инсталирана моќност од фотоволтаици, што прави вкупно 390 kW инсталирано сопствено производство на електрична енергија од обновлив извод, сончева енергија. Очекуваме вкупно годишно производство од околу 500 000 kWh, што би претставувало околу 5,7% од вкупните годишни потреби за електрична енергија на нашата компанија.

Според моменталните движења на цената на електричната енергија на слободниот пазар, се очекува поврат на инвестицијата за максимум 6 години.

Со изградба на ваков соларен систем за производство на електрична енергија се поставуваат добри темели за остварување на развојните цели на Македонија во областа на одржливиот развој и намалувањето на емисии на стакленички гасови во атмосферата. Со годишното производство на нашите фотоволтаични централи се избегнува создавање на 488 000 kg CO2 годишно, во случај таа електрична енергија да се произведува во термоелектрична централа на јаглен, како што е РЕК Битола.

Поради тоа може да се заклучи дека производството на електрична енергија од фотоволтаични модули (соларни ќелии) има позитивно влијание врз животната средина, а нивната употреба индиректно ја намалува емисијата на стакленички гасови.

Нашите вложувања на ова поле не застануваат тука.