Министерот за економија Крешник Бектеши ја посети фабриката за производство на масло за јадење Брилијант во Штип и направи увид како се спроведуваат одлуките кои што ги донесе Владата по предлог на Министерството за економија за заштита на домашното производство на основни прехранбени производи.
При посетата, Министерот Бектеши го истакна задоволството што има сериозни и професионални компании како Витаминка кои секогаш знаат да излезат пресрет на нивните потрошувачи со цел да се постигнат што подобри цени коишто нема да бидат на товар на стандардот на граѓаните и дека голем број прехранбени компании како Брилијант и целото стопанство се солидаризираат со цел да се заштитат потрошувачите и граѓаните. Тој истакна и дека домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните.
„Има доволно количини на основни прехранбени производи од домашно производство. Северна Македонија има многу подобри цени споредено со земјите во регионот, а цените дополнително ќе се намалат во наредниот период и како резултат на одлуката за намалување на маржите и како резултатите на намалувањето на ДДВ на основните прехранбени производи од 5% на 0% за што законското решение беше донесено вчера од страна на пратениците во Собранието“, кажа министерот Бектеши.
Од менаџментот на Брилијант, во сопственост на Витаминка потенцираа дека ги следат одлуките кои што ги носи Министерството за економија и најтранспарентно ги спроведуваат.
„Имаме одлична соработка со Министерство за економија и најтранспарентно пристапуваме во реализација на сите одлуки од министерството и како се менуваат законите и одлуките соодветно ги спроведуваме. Самиот министер се увери дека сето што го приложивме и го кажавме е спроведено. Нема да има недостиг на масло за јадење, има доволно залиха и производство. Нема потреба од паника кај граѓаните да купуваат големи количини. Ние како производител на масло за јадење ги следиме и најтранспарентно ги спроведуваме одлуките на Министерството за економија“ кажа Сашо Наумоски, генерален директор на Витаминка.
Во однос на обезбедувањето суровина, за непречено производство, Наумоски истакна дека иако од ден на ден се менува ситуацијата, сепак се надева дека нема да има проблем. „Ние имаме потпишано договори. Витаминка е сериозна компанија и обично чуваме залихи за 3 месеци за сите репроматеријали и суровини. Се надеваме дека соседството ќе ги отвори границите за извоз на суровини и дека нема да имаме проблем за наредниот период до истекот на 3 месеци. Добивме уверување од министерот дека сериозно се работи, дека со Србија ќе се договорат отворените граници за проток на пченица, брашно, масло. Така што мислам дека за 3 месеци нема да имаме проблеми, ќе ги реализираме нашите договори што ги имаме со добавувачите од Србија“, рече Наумоски.