Петнаесетина студенти од трета година при Економскиот факултет во Прилеп предводени од предметниот наставник по Бизнис логистика Марика Башеска Ѓорѓиеска ја посетија Витаминка. Студентите беа пречекани од Координаторот за ПР и пропаганда на компанијата Душица Неделкоска, која ги запозна со историскиот развој на овој прехранбен гигант во Македонија и регионот, со промотивните активности и новите производи кои излегоа на пазарот последните неколку месеци, како и со структурата на вработените во компанијата и организациската поставеност.
Студентите ги посетија магацините во Витаминка каде шефовите на магацините Боге Тошески и Раде Јорданоски ги запознаа со логистичките активности на компанијата, со начинот на прием, складирање и подготвување на готови производи со сите дополнителни логистички податоци за следливост и контрола на процесот.
Петар Стојковски, шеф во сектор Извоз, се осврна на логистичкиот пат на сите влезни и излезни инпути во Витаминка. Тој на студентите им го објасни „патот“ на производот од создавање до испорака во странство, а се осврна и на постојаната контрола на суровините, полупроизводите и производите во Витаминка од аспект на логистичка поставеност, управувањето со синџирот на снабдување, како и интерните комуникации.
Васко Наумоски, проект менаџер во ИТ одделот ги запозна студентите со ЕРП систем, начинот на обележување на логистичките податоци во магацините и на палетите, говореше за алатките за следливост и контрола на процесот на прием и движење на инпутите во фабриката, како и за ЕДИ системот за електронска размена на информации.
Студентите вкусија и дел од широкиот асортиман производи на Витаминка.