Со цел едуцирање и создавање квалитетни кадри за сопствените потреби и воедно поттикнување на популарноста на техничките струки меѓу младите, Витаминка се приклучи на програмата за дуално образование “Skills Expert”.
Програмата се спроведува во соработка со Делегацијата на германското стопанство во нашата земја, тело кое што преку разни програми, активности и експертско know how ги пренесува германските искуства и знаење кај македонските компании партнери со цел унапредување на македонската економија во целост.
Дуално образование е посебен модел на спојување на теоретската и практичната настава со што ги оспособува учениците што ќе завршат дуално стручно образование да бидат обучени веднаш по матурирањето да почнат со работа. Предноста на моделот е што практичната настава е присутна со голем процент односно 40 отсто, а останатите 60 отсто се теоретската настава.
Витаминка програмата ќе ја спроведе во соработка со Средното стручно училиште „Ристе Ристески Ричко“ во Прилеп и секоја учебна година ќе поддржува по најмалку 5 (пет) ученици од ова училиште. За избраните ученици од насоката Техничар за индустриска мехатроника, со почеток од втората учебна година, компанијата ги обезбедува сите потребни услови за практична настава во организационите единици во фабриката. На овој начин, Витаминка ќе оспособи доволно стручни профили од оваа насока (комбинација на машинство и електрика/електроника), кои ќе бидат идните професионалци во својата работа и кои кариерата ќе ја градат таму каде што започнале, во Витаминка.
Целта на програмата е да им се помогне на компаниите од индустријата да обезбедат стручни и квалификувани работници што им се потребни, преку спроведување на системски елементи од германскиот модел на дуално стручно образование, односно спојување на образованието и стопанството. На овој начин се олеснува патот до вработувањето на младите што завршуваат средно стручно образование, а со самото тоа се поттикнуваат младите да ги изберат токму техничките струки.
Овој модел во Германија е веќе докажан и се спроведува подолго време со што дава позитивни резултати во една од најнапредните индустриски земји во светот.
Повеќе информации за можностите што ги нуди оваа програма, достапни се на линкот.