Витаминка дел од Regional Legal Business Forum 2026 на Златибор

Во периодот од 15 до 17 ноември 2026 година, во Grand Hotel Tornik на Златибор, Србија, се одржа Regional Legal Business Forum 2026, еден од најголемите регионални собири на корпоративни правници и професионалци од правната област, кој оваа година обедини повеќе од 500 учесници од регионот.

На Форумот учествуваше Орде Ѓорѓиоски, директор на правни работи и човечки ресурси во Витаминка АД Прилеп, кој воедно беше и модератор на панел-дискусијата на тема „Who really governs AI? The legal function’s expanding strategic role in making governance work“.

Дискусијата беше посветена на сè поголемата улога на правната функција во управувањето со вештачката интелигенција, поставувањето интерни правила за нејзина одговорна употреба, заштитата на податоците и доверливите информации, како и предизвиците што новите технологии ги носат за корпоративното работење и правната професија.

Програмата на Форумот опфати повеќе од десет панели и стручни излагања на актуелни теми, меѓу кои дигитализацијата и сајбер-безбедноста, интелектуалната сопственост, корпоративното управување, нефер трговските практики, управувањето со деловните ризици и финансиската регулатива.

Учеството на вакви регионални професионални настани претставува значајна можност за размена на искуства, следење на новите правни и деловни трендови и поврзување со експерти од регионот. Воедно, придонесува кон континуирано унапредување на правните практики и нивно усогласување со современите предизвици на корпоративното работење.

Витаминка дел од Regional Legal Business Forum 2026 на Златибор