Меѓународниот саем за храна, пијалаци, амбалажи и производствени апарати што се одржува секоја година по 16ти пат, во Софија е еден од најпрестижните настани во прехранбената индустрија од Југоисточна Европа. Витаминка секоја година е присутна на овој саем и досегашното искуство ги потврдува предностите и бенефитите од присуството. Преку својата фирма во Бугарија, Витаминка веќе долго работи на афирмација на своите производи на локалниот пазар.
„Секое учество на Интерфуд со инкорпорираните презентации, семинари, конференции, деловни состаноци претставува своевидна бизнис платформа за компанијата во годината што следи. Овој саем во својот фокус ги има комуникацијата и соработката меѓу компаниите од сите земји, деловните и трговските делегации, подизведувачи како и колективни странски учества и точно тоа во досегашното наше искуство придонело за конкретни чекори и конкретни резултати од претставувањето тука. Веруваме дека и оваа година на Интерфуд ќе создадеме нови деловни и развојни можности за Витаминка“, изјави Љупчо Велески, директор на сектор Извоз во Витаминка.
Покрај потенцијалните нови пазари и пласмани, Витаминка со претставувањето на своите производи ќе ја зацврсти позицијата на бугарскиот пазар каде Чоко Стоби флипс, Атлантис, Бонитас, Кукис, Деспина, Весели јајца, Фрути и останатите производи на овој наш најголем кондиторски производител се веќе познати брендови и висококвалитетни производи.