Во рамките на SUBEX – Suppliers Balkan Expo, традиционално организиран од страна на AHK – Делегацијата на германското стопанство, кој оваа година се одржува два дена, на 25 и 26 октомври во хотел Хилтон во Скопје, се одржа и панел дискусија за искуствата од дуалното образование по германски модел. Со оглед на тоа што „Витаминка“ АД е една од компаниите кои што директно се вклучени во програмата и успешно ја спроведуваат веќе четири години со ред, директорот на правни и општи работи Орде Ѓорѓиоски беше поканет како панелист.
Од негова страна беше истакнато дека првата генерација која веќе заврши, не испирираше уште повеќе да се посветиме на реализацијата на програмата и да продолжиме со поддршката. Многу е важно во програмата да се вклучат повеќе компании и лично да се уверат дека во училиштата навистина има потенцијал и дека е потребна една поширока поддршка и од бизнис заедницата. Според тоа, „Витаминка“ беше прва компанија која што понуди вработување на учениците кои што завршија четврта година и од пет ученици тројца се вработија, од кои двајца се на одржување и еден од нив директно во производство. Сигурни сме дека како учениците, така и нивните родители, ги препознаа предностите на ваквиот начин на учење, па во иднина ќе имаме и поголем број запишани ученици, а ние како компании ќе ги отвориме ширум вратите да одговориме на зголемените барања. Во однос на прашањето за тоа – што е со учениците кои решија да продолжат на факултет, дали имате и опции за поддршка во текот на нивното студирање, па потоа да се вратат како инженери? Одговорот беше дека секако на крајот изборот е на самиот ученик дали ќе продолжи на факултет или не. Во нашиот случај само еден од учениците изјави дека сака да го продолжи своето образование на еден од факултетите во земјава и дека ќе студира како редовен студент. Од другите ученици уште еден изрази желба да го продолжи образованието како вонреден студент и паралелно да работи, а од наша страна му беше понудена стипендија за студирањето. Инаку, она што прави разлика дефинитивно е третманот на учениците како индивидуи со капацитет или потенцијал да одговорат на барањата на компанијата, а не како бројки. Дополнително, практичната настава задолжително мора да биде зачинета и со нестандардни дополнителни обуки, дебати и дискусии, а за да се мотивираат учениците и да се предизвикаат да размислуваат на актуелни теми. Значи, мора да се вметнуваат дополнителни содржини во реализацијата на практичната настава и да се работи индивидуално, за да се постигне таа конекција и ученикот да се чувствува како дел од програмата и компанијата. Треба да разбереме дека тоа се млади луѓе кои треба да бидат слушнати. Во однос на предизвиците со кои се соочила компанијата при имплементацијата и спроведувањето на програмата, беше одоговорено дека: Првиот предизвик беше да се назначат ментори, луѓе од организацијата со соодветно искуство, кои што ќе одвојат од нивното време, од работата и ќе се вложат во програмата за да се постигне целта. Анимиравме неколку квалитетни кадри кои што беа делумно ослободени од некои работни обврски и соодветно стимулирани. Планот наш е по стекнувањето доволно искуство, вработените дуалци да станат идни ментори. Предизвик беше и усогласувањето на програмите помеѓу училиштето и интерната на компанијата. Во тој дел соодветна помош обезбеди и АХК, па откако помина првата генерација, сега значително полесно се одвиваат работите. Предизвик, генерално кажано, беше и тоа да се сврти вниманието на родителите и пошироката јавност кон програмата на локално ниво, а за да се согледаат предностите и да се прими како атрактивна, се со цел поголем број ученици да се запишуваат на програмата.
Учесник како панелист од завршените ученици беше и Марко Сваќароски, сега вработен во „Витаминка“ како одржувач на машини и опрема. Од негова страна беше изразена благодарност до компанијата за високото ниво на кое ја реализирала програмата, што било клучно за неговата определба да се вработи во компанијата и да запише високо образование на машински отсек на УКЛО во Битола, како вонреден студент.
На настанот беа доделени сертификати за положени завршни испити по германски модел на учениците кои завршија четврта година.